Охридското Езеро: Охридското Езеро е длабоко и кристално чисто. Можете да се нурнете во води стари над 2 милиони години. Плажите се привлечни, а погледот на околните планини е навистина импресивен.
Охридското Езеро ( „мало слатководно море“), опкружено од едната страна со високите планини Галичица (2.288 м ), Мокра (1.589 м ) и Јабланица (2.257 м), а од другата страна со рид преполн со културно-историски споменици, пленува со своите извонредни волшебни убавини. Гледано од височина чиниш паднала бисерна солза . Колку повеќе му се доближуваш добиваш впечаток како да се простира морски залив или истргнато парче морска широчина фрлено помеѓу високите планини на надморска височина од 695 метри. А над езерската површина, како посебен декор се издигнува древниот Охрид, сместен на двоен рид, чија највисока точка – Самуиловата крепост, се наоѓа на околу 800 метри надморска височина.
Незаборавен впечаток остава бојата на водата – која од изгрејсонце па сѐ до зајдисонце постојано се менува: небесно сина, па смарагдно зелена и на крај станува темно сина, во зависност од локалните ветрови пленувајќи со својата чистота , бистрина и проѕирност.
А езерото е тука со векови, милениуми, милиони години. Старо е околу два милиони години, па според тоа е и најстарото езеро во Европа, а покрај Бајкалското и езерата Тангањика и Титикака спаѓа помеѓу најстарите езера на светот. Охридското Езеро е на надморска височина од 695 м. , длабоко е 300 м. , долго е 30 км, а широко 15 км .Се протега на 360 км квадратни, со езерски брег во должина од околу 100 км (од кој две третини и припаѓаат на Р.Македонија, а остатокот и припаѓа на соседна Р.Албанија) и претставува не само едно од најстарите и најдлабоките езера,туку и една од најубавите природни реткости.Благодарение на ваквите особености, во 1980 година Охридското Езеро и градот Охрид се прогласени за Светско културно наследство под заштита на УНЕСКО,а светската важност на Езерото се потврдува во 2010 г., кога НАСА и Меѓународната астрономска унија решаваат едно од езерата на Урановата месечина Титан да го носи името Охридско Езеро .
За Охриското Езеро карактеристични се бројните реликтни и ендемични видови организми, па според тоа се смета за најбогатото езеро со ендемичност во светот. Во него живеат над 200 видови ендемични организми, единствени во светот само тука и карактеристични за ова езеро. На рибната фауна ѝ припаѓаат седумнаесет различни видови риби. Најпознати риби се: пастрмката, белвицата, кленот, писата, скобустот, грунецот, моранецот, дујакот, мрената, крапот, вртенушката и секако плашицата од чиишто крлушки се прави емулзија која се нанесува врз основата на надалеку познатиот охридски бисер. Тука е секако и мистериозната, но мошне вкусна јагула, која покрај пастрмката им припаѓа на таканаречената „чиста риба“.
Најпрочуената и највкусната риба која живее во Охридското Езеро, којашто претставува ендемски вид на слатководна риба во Европа и е најблизок предок на видовите кои живееле на ова подрачје уште од Терциерот. Оваа риба преку денот е скриена во длабочините на езерото и на места што повеќе пооддалечени од брегот, а навечер испливува на површината , во потрага по инсекти. Понекогаш приоѓа до самиот брег, во плитките води, барајќи храна од подводните растенија. Позната под разни имиња како летница , коран, стрв, белуш , струшка пастрмка и белвица. Охридската пастрмка се разликува од речната по сплеснатото тело, малата глава и ѕвездестите сиви пеги по телото. Бојата на месото кај некои од нив е бела, а кај некои е розова. Максималната должина се движи од 25 до 60 см, а максималната тежина и до 22 кг. Охридската пастрмка е многу вкусна за јадење и како таква е позната низ целата наша историја, ја наоѓаме овековечена на фрескоживописот, се споменува во народните песни и кај сите патеписци и намерници кои поминале низ овој крај, а направени се и неуспешни обиди за конзервирање и доближување на истата до поширок круг конзументи.
Пастрмката претставува и еден од заштитните знаци на Р.Македонија, а се наоѓа и на македонските монети. Во минатото рибарството одиграло пресудна улога во економскиот живот на охридскиот крај, но заради намалувањето на рибниот фонд во последниве години риболовството е лимитирано и сведено во контролирани рамки, а истовремено стручните лица водат перманентна грижа за порибување со подмладок.
Националниот парк Галичица е прогласен во 1958 година со цел да се зачува растителниот и животинскиот свет и природниот изглед на планината Галичица.
Денес Паркот се препознава како едно од најважните подрачја или „жариште“ на биолошката разновидност во Европа, што е потврдено со бројни меѓународни номинации, како на пример: „Светско наследство на УНЕСКО“, „Емералд подрачје“, „Значајно растително подрачје“, „Примарно подрачје за пеперутки“, a потенцијално и „НАТУРА 2000 подрачје“.
Паркот претставува „жариште“ на биолошката разновидност во Европа, но и пошироко, во глобални рамки. Паркот се издвојува од другите подрачја со слична големина по исклучителното богатство на живеалишта и видови на релативно мала територија. На површина од приближно 25.000 ha, се среќаваат повеќе од 37 типови живеалишта, 40 растителни заедници, околу 1600 таксони од васкуларните растенија, над 143 видови лихеноидни габи, повеќе од 480 видови габи и преку 3.231 таксони од фауната.
Пештери
Варовничкиот карактер на планината е причина за богатството на подземни геоморфолошки форми, како на пример пештерите и пропастите кои претставуваат значајни живеалишта на повеќе клучни видови. Според EUNIS класификацијата од 2004 година, во Паркот се среќаваат три типови на живеалишта кои се ретки или загрозени во Европа.
Следствено, овие живеалишта придонесуваат за Паркот како Посебно подрачје за зачувување во рамките на Европската еколошка мрежа НАТУРА 2000. Од пештерите како значајни живеалишта се издвојуваат Мечкина дупка, Воила, Лескоска Пештера, додека пак пештерата Самотска дупка е најголемата пештера во паркот со должина од 224 m.
Ендемски растенија и животни
Во Паркот се среќава исклучително голем број на ендемски растителни и животински таксони и тоа: 29 таксони од алги, 12 видови од скриеносемените растенија, 68 таксони од без`рбетните и 4 таксони од `рбетните животни. Покрај тоа, во Паркот се среќава голем број на други таксони кои се ендемични за Македонија или за Балканскиот Полуостров и тоа: 46 таксони од вишите растенија, 89 таксони од без`рбетниците и 14 таксони од `рбетните животни. Поради присуството на овие видови, Паркот има големо значење за зачувување на биолошката разновидност во Македонија, но и за науката, глобално.
Видови од големо социоекономско значење
Во Паркот се среќаваат голем број растенија и габи чии делови се собираат поради нивите хранливи, лековити и ароматични својства, за лична употреба или за комерцијална намена. Меѓу нив, по своето значење се издвојуваат лековитите растенија кои се собираат во Паркот, од кои е најзначаен охридскиот чај (Sideritis rаeseri). Од другите производи во Паркот позначајни се смреклинките од модра смрека (Juniperus communis). Со оглед на тоа што продуктивниот циклус на модрата смреката е 4 години, количините од собирањето на смреклинките се променливи. Во изминатите дваесетина години, количините на овој производ бележеа постојан пораст што се должеше на сукцесијата на големи површини од секундарните високопланински пасишта во шибјаци со смрека.
Видови кои се силно препознатливи и атрактивни за локалното население и посетителите
Од вишите растенија тоа се: галичичкиот смил (Helichrysum zivojini), галичичката качунка (Crocus cvijici), охридскиот чај (Sideritis rаeseri), галичичкиот козинец (Astragalus mayeri), дивата фоја (Juniperus excelsa), персиската морина (Morina persica), галичичкиот чуваркуќа (Sempervivum galicicum), македонскиот даб (Quercus trojana), омеликата (Genista radiata) и Lilium heldreichii. Од габите, во оваа група на видови се вбројуваат јајчарката (Amanita caesarea), Battarraea phalloides, Hymenochaete cruenta, Myriostoma coliforme, Pisolithus arhizus и Pyrofomes demidoffii. Од без`рбетниците тоа се: сагата (Saga pedo), алпската стрижибуба (Rosalia alpina), еленчето (Lucanus cervus), царското самовилско коњче (Anax imperator), Paracaloptenus caloptenoides, Calosoma sycophanta и Carabus gigas. Од `рбетниците голем број од птиците се вбројуваат во оваа група, особено грабливите птици, пеликаните и многу други. Од цицачите тоа се кафеавата мечка (Ursus arctos), рисот (Linx linx), волкот (Canis lupus), дивата коза (Rupicapra rupicapra balcanica), обичниот елен (Cervus elafus) и срната (Capreolus capreolus).
Покрај биолошката разновидност, меѓу клучните природни вредности на Паркот се вбројуваат и ретките геоморфолошки феномени. Стара Галичица и островот Голем Град по нивните севкупни геоморфолошки карактеристики се ретки или единствени форми во Југоисточна Европа. Од поодделните форми на релјефот на стара Галичица се издвојуваат тревните тераси кон Преспанската страна на Стара Галичица кои со одредени свои карактеристики се единствени или исклучително ретки во Евромедитеранскиот регион, но и глобално. Покрај нив значајни се и камените потковици во внатрешноста на цирковите на Стара Галичица кои се ретки или единствени форми во Југоисточна Европа, додека самите циркови се од национално значење. Воедно на планината Галичица карстните појави го претставуваат доминантниот генетски тип на релјефни форми. Галичица преставува типично карстно подрачје на кое тријаските масивни и банковити варовници лежат преку кристалестите шкрилци. Тоа се терени кои долго биле изложени на дејствувањето на надворешните (егзогени) фактори, кои силно го иницирале процесот на карстификација. Се забележуваат микро и макрорелјефни површински карстни форми, почнувајќи од шкрапи- плитки, ребрести, мрежасти, лочкасти и специфичните за Галичица бунарести шкрапи, бројни вртачи и скарстени суводолици до карстни полиња -кои воедно се и најголемите површински карстни форми на планината Галичица . Нив ги има четири и тоа: Суво Поле, Шарбојца (Асан Ѓура), Вардуљ и Ѓафа. Сите главно имаат меридијански правец на протегање какво што е протегањето и на планината Галичица. Дното на сите полиња е приближно на иста височина од 1480 до 1440 m н.в.. Од подземните карстни форми регистрирани се десетина пештери и две пропасти.
Од генетските типови брегови долж Охридското и Преспанското крајбрежје, односно долж подножјето на планината Галичица посебно впечатливи се тектогените и типично абразивните. Вторите се настанати со механичко делување на брановите кои создале стрмни отсеци – клифови.
За бистрата вода на Билјанините извори, народот испеал многу песни.Но, само една легенда, прераскажувана до денес се поврзува и со настанувањето на охридскиот чун. Имено, некогаш во дворецот под езерото кај Студенчишта, живеела вилата Езерка, ќерка на дедо Караорман. Вилата Езерка царувала над езерото и постојано им пречела на рибарите, превртувајќи ги нивните чамци, а уловената риба ја враќала во езерото. Таа била многу завидлива и еден ден ја грабнала убавата мома Билјана, внука на дедо Чун. Ја однела во својот дворец за да си поигрува со неа. Убавата Билјана цела ноќ плачела од тага и нејзините солзи се претвориле во извори, кои понатаму биле наречени Билјанини извори. Дедо Чун за да ја победи вилата Езерка направил голем чамец. Од една страна веслале 6-7 луѓе, а само еден крмел. Вилата Езерка не можела да го преврти овој голем чамец и со него дедо Чун ја спасил убавата Билјана. Така, по дедо Чун големиот чамец го нарекле чун кој по својот лик е единствен на светот.
Езерото се прихранува од многубројни извори и врутоци, а на неговиот слив му припаѓаат четириесетина реки и мали рекички. Сето тоа овозможува езерото да има кристално чиста вода и при убав сончев ден водата е проѕирна и до 22 м. длабочина, што претставува вистинска реткост. Силни извори има околу манастирот Свети Наум, кои излегуваат од варовитите спили во подножјето на Галичица. Најпрво водата се собира во едно живописно езерце, кое во текот на своето постоење формирало и две мали живописни островчиња. Околната вода заради водните растенија се прелева во вистински колорит и не остава никого рамнодушен на сета оваа речиси вонземна убавина . Кристално бистрата вода од езерцето преку една куса и брза рекичка се влева во Охридското Езеро . Инаку најпознати извори се охридските Студенчишта, познати како Билјанини извори, кои се наоѓаат во непосредна близина на градот и кои отсекогаш биле омиленото излетничко место на охриѓани и многубројните посетители.
Од Охридското Езеро истекува реката Црн Дрим која преку својот тек се влева во Јадранското Море.
Во Старата охридска чаршија ќе наидете на најстарото илјадагодишно дрво наречено чинар или Чинар (Platanus orientalis), легендата кажува дека го засадил Свети Климент во 893 година.
Welcome to Ohrid, the old city of light with rich cultural and historical heritage in which a lot of civilizations left their own mark. Welcome to the magical place where on an amazing way the cultural and natural heritage are mixed along with the hospitality, city for which many world searchers of beauty use to call this city – Macedonian part of paradise.