Истражување на Охридското Езеро: Охридското Езеро е длабоко и кристално чисто. Можете да се нурнете во води стари над 2 милиони години. Плажите се привлечни, а погледот на околните планини е навистина импресивен.
Поволната географска положба, заедно со останатите природни особености овозможила континуиран живот на овој простор од најстарата човечка цивилизација, преку праисториските и историските епохи до денес. Историските извори најпрво го споменуваат Лихнидското Eзеро , поточно опишувајќи ја победата на Македонскиот крал Филип II во 358 г.пр.н.е. над Илирите, којшто ги поместил границите на својата држава на запад присоединувајќи ги областите околу Лихнидското Езеро, што не значи дека градот не постоел и пред ова. Од тој период датираат бедемите на охридското кале, откриени пред главниот влез на средновековната крепост.
Александар III Македонски во 335 г. пр.н.е. катастрофално ги победува Илирите. Илирија станува Македонска провинција, а Лихнид и областа Лихнитида станале „ветениот рајски предел“ на горномакедонските пикторескни простори. Во наредните години Лихнид повремено бил заземан од некои помоќни илирски кралеви, но материјалната култура од тие времиња недвосмислено докажува дека градот имал старомакедонска жителска провиниенција, со широко отворени врати кон културата на развиениот хеленски Југ.
Во 209 г. пр.н.е. се известува Филип II дека некој Еропос го зазел Лихнид откако го подмитил командантот на посадата на тврдината, побуната набрзо била задушена и градот останува македонски , но веќе во 200 г. пр.н.е. Римјаните ја пустошат Дасаретија и водат страшна битка во Лихнитида. Лихнид e освоен од Римјаните и отстапен на сојузникот илирскиот крал – Плеврат во 199 г. пр.н.е. Веќе во наредните години градот стекнува независен статус така што Лихнид (во превод „градот на светлината“) и Лихнитида се еден вид независна република. Имаат сопствена ковница и свои пари на кои покрај името на градот како симбол на градот е чунот, а како етничка припадност на населението е наведен македонскиот штит.
Во 170 г.пр.н.е. за време на III Македонска војна за првпат Лихнид се споменува како главен град на Дасаретија,којшто во тоа време имал 1.200 жители и „множество на робови“. Три години подоцна Македонија ја губи самостојноста и во 148 г. пр.н.е. станува Римска провинција . Лихнид и Дасaретија добиваат специјален статус на слободна зедница ( libera gens) .
Настапува спокоен период , Лихнид е далеку од потресите на воените операции и останува важна станица на патот Виа Игнација (Via Egnatia) . Познато е (делумно и од натписите), дека во градот покрај театарот, постоеле и други јавни градби, како: агора, гимназион, булевтерион, цивилна базилика, храмови итн. За жал, поради наслојувањето на современиот Охрид, овие градби не се ископани. Археолошките раскопки и артефактите од овој период (кипот на божицата Изида, Античкиот театар итн.) укажуваат на раскош и богат духовен живот , но и за важен пат од север кон југ, имено на Дебој се најдени келтски шлемови, железни штитови и долгит железни мечеви. Ова сведочи за присуство на Келтите/Галите на овие простори. Келтските воини на почетокот на III век пр. н.е. на патот кон Делфи или по враќањето, застанале во Лихнид. Долговековниот келтски сон, пренесуван од колено на колено, дека не смее да се умре пред да се види Делфи, за нив запрел во Лихнид .
Во доцнорепубликанскиот и раноцарскиот Римски период, Лихнидос како и другите провинциски градови, го ужива „ римскиот мир “ .Наспроти отсуството на податоци за Лихнидос во античките извори, евиндентирани се и проучени голем број на епиграфски споменици. Епиграфскиот материјал содржи податоци од различен карактер, надгробни споменици, почесни плочи,царски натписи и др. кои јасно зборуваат за силната хеленизација на Лихнидос и неговата област. Хеленистичката традиција зборува за тоа дека тогаш градот имал автономен статус на град-полис и бил административен центар на Дасаретија со повисок степен на развиен градски живот во сите сфери.
Во IV в. и во V в. Лихнидос се споменува како епископско седиште, градот добива нов урбан лик во архитектонска смисла. Откриени се десет базилики во стариот дел на Охрид од кои трикорабната старохристијанска базилика на Дебој хронолошки и симболично, претставува мост или премин на античкиот Лихнид во средновековниот Охрид.
Во неколку византиски извори Лихнид се идентификува со Охрид.
Кај Птоломеј е запишано „Lichnidon he Achrida ” , кај Скилис за градот Achris се вели дека се наоѓал на Високото Брдо, до големото езеро Lychnidos, според кое и градот го носи истото име Lychnis.
За доцноантичкиот период карактеристични се честите закани од варварските војски, а обновена е и тврдината. Во изворите Лихнидос, според Прокопиј последен пат се спомнува во врска со неговото разурнување кое изгледа се случило 526 г. за време на Јустин I . За време на големата преселба на народите овој цивилизиран утврден град бил честа мета на напади од страна на хунските и готските завојувачи. Земјотресот и епидемиите од разни болести, честите ограбувања од страна на аварските племиња доведуваат до замирање на градот и затворање на една епоха од неговиот живот- Античкиот период. Но, животот продолжува без прекин понатаму , сега со нов етнички состав- Словени и градот станува мост помеѓу Византија и Јужните Словени.
Словените биле организирани во племенски зедници. Кон крајот на VI век околината на Лихнид била сосема колонизирана од словенското племе Берзити или популарно наречени – Брсјаци, организирани во склавинија Берзитија.
- Градски плоштад и пристаниште - опис некогаш и сега
Срцето и пулсот на градот Охрид е Охридскиот плоштад. Ова е многу популарно, посетено, омилено и бучно место во градот, преку ден и во текот на целата ноќ. Постојано тука се случуваат најважните настани. Плоштадот со име Свети Климент Охридски, како срце на градот ги поврзува главната трговска улица и кејот покрај езерскиот брег, но ги поврзува и сите улици кои водат до култарот и историските споменици и градските плажи. Како и секој друг градски плоштад, охридскиот плоштад има многу кафе -барови, продавници за накит, продавници за сувенири итн. Тој е украсен со споменици, статуи и споменици за значајни граѓани.
Како составен дел на плоштадот се подвижните сцени наменети за различни настапи како хорски фестивали, фолклорни фестивали, итн. Патот од плоштадот води во правец на езерото, додека од другата страна на плоштадот е главната шопинг улица која не води низ Охридската чаршија .
Главната улица низ Долна порта сè уште е најпрометната улица (денес се нарекува улица „Цар Самуил“). Има многу остатоци кои се наоѓаат во близина на Долна порта. Во минатото улицата била најважна: со многу дуќани, гостилници, пекарници и занаетчиски дуќани. Во средновековното време градот страдал од чума па толку блиску до таа порта беа поставени мали болници за прегледи и карантини за патниците. Затоа првите две цркви кои се во близина на Свети Никола и црквата Богородица Златона се нарекуваат Болнички (од зборот „болница“).
Црквата Св.Никола Болнички се карактеризира со двојни црковни ѕвона – единствена со својата форма во Македонија.Постои мала патека која води до единствената црква именувана по патронот на Охрид Св.Климент Охридски.Сите три цркви се со извонреден архитектонски стил и со нивните икони и фрески припаѓаат на локалната Охридска сликарска школа.
Урбанистите велат дека охридската куќа е правена по мерката на природата и природното, па се чувствува како израснува од почвата, од стената, од ридот, од висините. А пак истава куќа по својот надворешен изглед, по својата внатрешна структура и организација, по својата украсна декорација е правена по мерка на човекот. Оттука и чувство како двете мерки, и таа на природата, и таа на човештината, како да се доближуваат, како да се поистоветуваат“.
(Н.Бошале)
Кога ќе го здогледате од езерото, Охрид распослан на ридот збиен како грозд, веднаш ви доаѓа мислата дека блескавите бели куќи како да се збиени една до друга, како да се потпираат една на друга, но и како да се натпреваруваат во височина која повеќе сонце и воздух да освои и што поубав поглед од езерската шир да зафати. Особено пленуваат ретките, но зачувани куќи од минатите векови по својата не само надворешна убавина, туку и по своето внатрешно устројство на катовите, одаите, чардаците и скалите.
Над поплочената тесна улица се надвиснуваат прекрасни станбени зданија на познати трговски фамилии од Охрид, како: Бодлевци, Кацковци, Робевци, Сапунџијовци, Савиновци, Крапчевци и др.,кои сведочат за прекрасната охридска градска архитектура од половината на XIX век, со блескавите бели фасади , со голем број прозорци, еркери и чардаци опшиени со дрво, на чијашто архитектура се восхитувал дури и самиот Ле Корбизије (Le Corbusier), таткото на модерната архитектура. Во куќата на Робевци и куќата на Узунчевци денес се сместени Охридските музејски збирки со непроценлива вредност, а во куќата на Уранија е формирана МАНУ – Македонската академија на науките и уметностите. Збиените куќи со својата надвиснатост над улицата прават сенки што овозможува пријатна прошетка во летнитe горештини.
Куќата на Робевци во Охрид е секако најрепрезентативниот објект на градската архитектура во Македонија, која својот највисок развој го достигнува во текот на XIX век. Taa и припаѓала на фамилијата Робевци, која оставила свој впечатлив белег врз севкупниот живот на Охрид и Македонија во текот на XIX век. Kуќата ја купиле Ангеле и Тасо, синовите на Стефан Робе, од заможниот сограѓанин од чорбаџиската маала Болница, Јаким Пендо, во далечната 1825 и откако ја урнале старата изградиле нова куќа, која претставувала собиралиште на тогашната трговска и интелектуална елита на Охрид и секако на видни личности надвор од Охрид и од странство.
За жал, аздисаниот бег по име Устреф, еден јануарски ден во 1861 година, од непознати причини ја запалил и опожарил куќата. Робевци ангажирале нови мајстори за да изградат на опожареното место две засебни куќи. Градителите на чело со мијакот Тодор Петков од Гари, комплетно ги изградиле и двете куќи. Исто така го уредиле и внатрешниот ентериер – таваните, сергените, долапите и другите украсни елементи кои биле направени од резба. Двете споени куќи на Робевци надворешно претставуваат успешна архитектонска целина, на која и се восхитуваат веќе век и половина! За да им се види умешноста на мајсторите –градители и копаничари, истите биле поделени на две засебни тајфи кои меѓусебно не општеле, односно не смееле да го видат мајсторството на оние другите се до комплетното опремување на куќите! Во куќата се вселуваат во текот на 1862 година, за што ден денес сведочи и една зачувана фреска – вазна со сини цвеќиња и натпис 1862 од најпознатиот од тоа време фрескописец и иконописец Дичо Зограф.
Во вака изградената куќа семејството Робевци живеело сѐ до 1900 година кога се преселиле во Битола, а во Охрид доаѓале само во летните месеци. Од 1913 до 1919 година во време на Балканската и Првата светска војна во оваа куќа биле сместени српски војници, а по нивното заминување куќата била значително оштетена, а дел од резбите биле однесени во Ниш, Р.Србија. По Втората светска војна во 1945 година, куќата е заштитена како културно – историски споменик, а денес во истата се сместени музејски поставки и може да се види дел од подвижниот богат инвентар на фамилијата Робевци.
Куќата на Христо Узунов е изградена во почетокот на 19 век од Христо Узунов, дедото на познатиот охридски револуционер Христо Узунов (1878-1905), и тоа е куќата во која живееле неколку генерации на ова признаено и заслужно охридско семејство. Во 1976 година куќата била обновена и дизајнирана за одржување манифестации и постојани изложби со материјали кои сведочат за Народното движење на слободата на Охрид и Охридско. Покрај тоа, во домот има и Спомен-соба посветена на големиот учител и револуционер од Илинденскиот период и порано.
Во минатото во Охрид имало 365 цркви, за секој ден во годината по една и затоа Охрид уште и се нарекува Европскиот (Балканскиот) Сесловенскиот или Вториот Ерусалим.
Денес на територијата на општината Охрид постојат повеќе од 100 православни цркви, од кои 60 активни, 10 исламски верски објекти – џамии и една католичка црква.
(Посветена е на Христос како Божествена премудрост)
Таа е една од најголемите и секако најзначајните средновековни цркви на овие простори. Подигната врз темелите на стара христијанска градба, за време на Цар Самуил (976 -1014) била седиште на Охридската Патријаршија, подоцна соборна црква на Охридската архиепископија, којашто Архиепископија и во наредните векови својата црковна власт ја протегала на територијата на север од Дунав, до албанските брегови на запад и до Солунскиот Залив на исток.
Црквата била повеќе пати надоградувана, a по доаѓањето на Османлиите во втората половина на XV век, црквата била претворена во џамија и фреските биле прекриени со вар. Во текот на Балканските војни (1912 г.) била користена како складиште за оружје. По Втората светска војна, во периодот 1949 – 1956 година фреските биле исчистени и конзервирани, а биле извршени и архитектонски зафати.
Живописот на оваа црква претставува врвен дострел во средновековното сликарство во Македонија и пошироко. Станува збор за најзначајните зачувани делови на византиското монументално сликарство.
Ктиторот на живописот, охридскиот архиепископ Леон, инаку ополномоштен преговарач во долгогодишниот догматско-теолошки спор со Рим (1025-1054), кој завршил со расцеп, во Св.Софија визуелизирал преку една галерија на ликови, над шеесетина црковни великодостојници на Цариградската, Ерусалимската, Александриската, Антиохиската и Кипарската Црква заедно со ликовите на шест папи на Римската црква. Тука се претставени и во цел раст и св. Кирил Солунски (св. Методиј-фрагментарно зачуван) и св.Климент Охридски, со што се потврдува Екуменскиот статус на Охридската црковна катедра. Воедно тоа се и најстарите зачувани фрески на овие светители во византиската уметност.
Единствено во Света Софија, во најголемата галерија на архиереи во светот, насликани се заедно високодостојници на источната и западната христијанска црква, кое нешто не е познато ниту во византиската уметност, ниту пак во уметноста на словенските земји.
Света Софија покрај нејзиното значење како знаменитост и се уште активна црква, од 1961 година па навака заради својата извонредна акустика претставува важно место за одржување културни настани – концерти и театарски претстави.
Манчевци е археолошко наоѓалиште во Охрид и претставува базилика од старохристијанското време (IV или V век). Откриена е во 2009 година при изведба на градежни работи на две поединечни куќи во старото градско јадро на градот. Во 2012 е конзервирана и презентирана на јавноста. Базиликата е специфична по своите мозаични подови, кои ги има во значителен број.
Античкиот театар сведочи за богатиот културен живот во антиката и римскиот период. Лоциран е во подножјето на источната косина на повисокиот охридски рид, под Самуиловата крепост, во близина на Горна порта, од каде што се доловува незаборавна глетка на Охридското Езеро и на планините што го опкружуваат.Античкиот театар бил изграден пред два милениуми, во периодот на доцнежниот хеленизам, а бил преадаптиран веднаш по римските освојувања на овие краишта. Првите податоци за постоењето на овој театар, во литературата се јавуваат кон крајот на XIX век и во почетокот на XX век. Првобитната намена му била сцена и гледалиште за театарски претстави, но четири века подоцна тогашниот жител Марко Аврелиј го обновил и преуредил овој објект во театарски простор со арена за борба на гладијатори со диви ѕверови, за чија потреба изѕидал кафези отстранувајќи ги првите редови од гледалиштето. Тоа го сторил во чест на скорешната посета на императорот Септимиј Север (кој управувал со Римското Царство 193 – 211 година.)
Претпоставките и тврдењата на учените за постоење на неоткопаниот театар датираат со децении наназад , а првите зафати во негово откривање се започнати во половината на минатиот век , додека целосно е конзервиран и реставриран во првите години на овој век. Со неговото пуштање во редовна употреба се доби нов квалитет во презентирањето на светски музички спектакли, концерти и театарски претстави . Токму првата театарска претстава во сѐ уште нецелосно конзервираниот театар беше „ Мартолозот“(„Сердарот“) во рамките на фестивалот „Охридско Лето“ 1993 г., според текстот на охридскиот втор Хомер, поетот и беседник Григор Прличев (1829 -1893).
Се издига на највисоката платформа во средеградието и е трета по ранг црква во архиепископскиот град, по катедралата Св. Софија и Климентовиот Св.Пантелејмон.
По паѓањето на Охрид под Османлиска власт и претворањето во џамии на катедралата Св. Софија и манастирот Св. Пантелејмон, посмртните останки на патронот на Охрид, св. Климент се пренесени во оваа црква и таа станува култно собиралиште на охридските граѓани и верници и втора катедрала на Охридската архиепископија, попозната меѓу народот како црква Св. Климент.
Црквата претставува едно од најзабележителните дела на охридската архитектура од XIII век, поради хармонично конципираната просторна композиција на градбата, солидниот ѕидарски опус во извебата на компонентите, разиграната керамопластична декорација на куполниот појас и полихромната игра на бигорот и тулата наредени во вид на слепи арки, меандри, ромбови, хоризонтални редови. Фресконатписот во нартексот ги споменува византискиот војсководител Прогон Згур и годината на „подигањето“, односно живописот на црквата, 1295 г., кога архиепископ бил Макариј.
Живописот насликан тука претставува зачеток на ново поглавје во византиското сликарство, тоа е стилски единствена целина во која има премиерни ликовни решенија кои ќе претставуваат парадигма за сликарите од следните столетија. За разлика од дотогашното сликарство, тука среќаваме тематски проширувања и зголемување на бројот на фигурите и сцените во композициите. Сликарите Михаил Астрапа и Евтихиј тука за прв пат воведуваат низа новини, кои ги отсликуваат нивните сфаќања и стремежи кон индивидуализирање на ликовите и напуштање на дотогашните постојни иконографски шаблони. Ликот на Богородица е прикажан со расплетена коса и неизмерна болка на лицето, а и другите фигури се дадени во една напната ситуација, силна драматика изразена преку гестови и движења на телото, што ретко може да се најде дури и во италијанското сликарство од тоа време па и подоцна.
Ликовите на младите светители се прикажани како силни и полни со здравје, енергија, со атлетски тела и воинствен изглед. Сите претстави се насликани многу реалистично со низа карактеристични детали, ликовите повеќе прилегаат на антички филозофи и поети отколку на светители насликани на ѕидовите од една катедрала. До ваквиот оригинален приод во интерпретацијата сликарите дошле самостојно и порано пред појавата на италијанското ренесансно сликарство – Giotto и фреско – сликарството во почетокот на XIV век!
Некогашната ризница во вековите што следуваат бидува преполовена и однесена по разни музеи, но сепак и сега може тука да се види ликот на св. Климент Охридски, дрвена фигура изработена кон крајот од XII и почетокот на XIII век, претстава на светец изрезбарен во кип, којашто претставува вистинска реткост во средновековната уметност на православната црква. Внимание привлекуваат и два престола од кои едниот од 1540 г. од времето на архиепископот Прохор, работен во инкрустација од седеф и другиот од 1895 на митрополитот Григориј, работен во дрвена резба!
Со оглед на големиот број цркви очигледен е фактот дека Охрид има и голем број икони , од кои повеќето се стари и ретки примероци на штафелајната уметност, па според своето значење Охрид има и највредна колекција византиски икони покрај колекциите од манастирот Синај, Египет и Ермитаж, Санкт Петербург.
Охридските икони според своетo значење спаѓаат вo светската ризница на бесценети предмети. Ниту една изложба, каталог или пак книга за византиското сликарство не може да биде потполно без присуството на охридските икони. Ремек – делата од разни периоди, разни мајстори и различни цркви денес се собрани на едно место во Галеријата на икони која се наоѓа веднаш до црквата Света Богородиоца Перивлепта.
Збирката опфаќа голем број икони сликани во текот на речиси еден милениум, почнувајќи од XI век па се до XIX век, кои се извонреден и неделив дел на богатото културно и историско наследство на Охрид, градот во којшто никнала словенската книжевност и култура.
Во некогашната зграда на училиштето „Св Климент Охридски“, подигната во 1840 г., во осовременет и заштитен простор изложени се триесетина икони, од кои некои се насликани во охридските средновековни сликарски работилници, а некои биле дарови на имотни дарители и донесени од центрите како Солун и Цариград.
Најранатите охридски икони се пандан на фрескоживописот од истото време, со оглед на трендот на тогашното сликарство и истата зографска школа. Нив ги карактеризира монументалност, вкочанетост на изразот и чудната смиреност што зрачи од лицата на светителите. Тука е и најстарата икона во Македонија со претставите на „Свети Василиј Велики“ и „ Свети Никола“ , од средината на XI век и „Свети Четириесет маченици“- најстарата позната икона со ваква тематика.
Она што е карактеристично и за двете икони е ликовното решение кое се совпаѓа со живописот од катедралната црква Света Софија. Според своите карактеристики кон овој период се додава и иконата „Причествување на апостолите“. Две засебни икони од композицијата „Благовештение“, датираат од втората половина на дванаесеттиот век.
Горна порта е изградена од тешки камени блокови, вратата е од масивно дрво и е покриена со метални плочи.
Претставува некропола од македонско-хеленистичкиот период, односно некаде од 3-2 век пр. н.е. Од истражувањата во 2016 година биле откриени 85 гроба, од кои 12 биле од македонско-хеленистичкиот период, односно некаде од 3-2 век пр. н.е., а другите гробови биле од османлискиот период, од периодот на XV до крајот на XVIII век. Во гробниците од македонско-хеленистичкиот период, кои се со гробни конструкции од необработен камен, биле пронајдени најразлични прилози карактеристични за тој период на погребување, како керамички амфори, калапени чаши, делови од војничката опрема – копја, ножеви, накит – златни обетки со претстави на ерос, ѓердани со мониста од стаклена паста, приврзоци, фибули и прстени, а во три гроба биле пронајдени и бронзени садови.
Горна порта е изградена од тешки камени блокови, вратата е од масивно дрво и е покриена со метални плочи.
Претставува некропола од македонско-хеленистичкиот период, односно некаде од 3-2 век пр. н.е. Од истражувањата во 2016 година биле откриени 85 гроба, од кои 12 биле од македонско-хеленистичкиот период, односно некаде од 3-2 век пр. н.е., а другите гробови биле од османлискиот период, од периодот на XV до крајот на XVIII век. Во гробниците од македонско-хеленистичкиот период, кои се со гробни конструкции од необработен камен, биле пронајдени најразлични прилози карактеристични за тој период на погребување, како керамички амфори, калапени чаши, делови од војничката опрема – копја, ножеви, накит – златни обетки со претстави на ерос, ѓердани со мониста од стаклена паста, приврзоци, фибули и прстени, а во три гроба биле пронајдени и бронзени садови.
Најстариот словенски манастир во Македонија е Св. Пантелејмон, подигнат во 893 г. од страна на св. Климент Охридски во месноста Плаошник. Тука тој создал ново културно огниште во Охрид – тоа е златниот век на словенската култура и писменост. Климент Охридски тука ја создава Првата словенска книжевна школа позната и како Прв словенски универзитет, низ која поминале над 3.500 ученици. Тука, покрај книжевност се изучувале и: филозофија, анатомија, земјоделство ,а во склоп на Универзитетот работела и најстарата медицинска школа и болница, во која се лекувало бесплатно, не со помош на магиии туку со помош на сугестии и хипноза, со разни чаеви и напитоци од лековити билки.
Климент е воедно и првиот оригинален писател на словенски јазик, напишал повеќе дела меѓу кои и „Пофално слово за Кирил“, ремек – дело на средновековната словенска литература. Многубројните полезни дела што ги правел за време на својот живот меѓу охриѓани, длабоко се врежале во свеста на тукашните жители, така што и ден денешен по повеќе од илјада години тие го чествуваат како свој патрон и заштитник.
И Наум, на другиот крај од езерото, подигнал црква (900 г.) посветена на светите Архангели Гаврил и Михаил за кои се верувало дека се исцелители. Охриѓани денеска го слават Наум како чудотворец и без разлика на верската припадност сите му припишуваат способности на изгонител на демоните од човечката душа. Наум дејствувал како презвитер и како учител во административната црковна област на епископот Климент Охридски – како учител создал преведувачка и препишувачката школа во својот манастир, во кој е погребан во 910 г.
И двата гроба на светителите, во манастирот Плаошник и во манастирот Св. Наум денеска редовно се посетуваат со длабоко уверување дека имаат лековита, исцелителна моќ.
Постоењето на Светиклиментовиот манастир со векови се пренесува од колено на колено преку народно предание. Дека на ова место постои Климентова црква и неговата гробница било потврдено по првите археолошки ископувања во 1943 година, кога проф. Димче Коцо ги открил темелите на Климентовата црква и во исто време и гробницата на Cвeти Климент Охридски. Врз темелите на ранохристијанската базилика, од која се зачувани остатоци, била изградена црква со триконхална форма (лист на детелина), архитектонски облици какви што биле негувани во IX век во Византија.
Црквата била обновена во XII век, а потоа уште еднаш во XIII век. Понатака кон оваа црква биле доградувани капели, а во XIV век припрата и надворешна припрата со камбанарија. Фреските од првобитната Климентова црква од IX век не се зачувани. Фрагментите на пронајдените фрески, во текот на археолошките истражувања, им припаѓаат на три различни периоди на обновувањето и проширувањето на Климентовиот манастир. По доаѓањето на Османлиите, Климентовата црква била претворена во џамија, позната под називот Имарет – џамија, која во повеќе од огнени стихии била опожарувана за да во виорот на годините сосема исчезне. Останал само имаретот- народната кујна за сиромаси без оглед на вера во кој до пред стотина години се делел топол оброк два пати седмично и леб секојдневно.
Меѓу археолошките остатоци во Климетовата црква Св. Пантелејмон се наоѓа и гробницата на самиот свети Климент. Според житието на архиепископот Теофилакт за Климент Охридски, големиот словенски просветител оваа гробница ја направил со своја рака и во неа бил погребан во 916 година.
Се претпоставува дека ова ранохристијанска базилика во Плаошник врз која бил изграден Климентовиот манастир во IX век била посветена на Апостол Павле. Во Лихнид, денешен Охрид, апостолот Павле христијанството го проповедал во I век од нашата ера.
Врз археолошките остатоци на најстариот словенски манастир Св. Пантелејмон, кој во 893 година го изградил св. Климент Охридски, се наоѓа новоизградениот денешен храм. При археолошките иследувања меѓу поважните археолошки наоди, тука е откриено и депо со 2383 венецијански сребрени монети од XIV век, сите сместени во керамички сад. Монетите ни ja покажуваат трговската врска помеѓу Охрид, односно манастирот Свети Климент и Венеција во XIV век.
Манастирите биле расадници на писменоста, книжевноста и просветата. Во најстарите зачувани ракописи се вбројуваат глаголските ракописи како: Асеманово евангелие, Синајски псалтир, Синајски еухологиј. Од понов период се ракописите со кирилско писмо како што се: Добромирово евангелие, Битолски триод, Охридски апостол, Болоњски псалтир.
Најмногу фотографираната и најпиторескната охридска црква е секако онаа посветена на авторот на Евангелието според Јован – Св Јован Теолог, подигната на карпа над рибарската населба Канео. Основата и е впишан правилен крст, архитектот не е познат, но се претпоставува дека бил под влијание на ерменската црковна архитектура. Црквата е темелно обновена пред доаѓањето на Османлиите на Балканот (XIV век), а според иконографските одлики се поврзува со традициите од уметноста на византиската династија Комнени (XII век), што помага за поблиско определување на хронологијата. Од византиското време се издвојува фреската на Христос Пантократор (владетел) во куполата, а од другите фрески погледот го привлекува онаа на која е прикажан ликот на свети Климент Охридски во придружба на првиот Охридски епископ св. Еразмо Лихнидски (Охридски).
Црквата пленува со прекрасната местоположба и инспиративната духовност и е се попривлечна за младите кои доаѓаат од разни страни на светот тука да го кажат судбинското „да“ и да склучат црковен брак!
Долж Охридската чаршија се и значајни исламски споменици како- Али пашината џамија од 1573 г., чија купола е мошне забележителна и теќето на охридските дервиши –Халвети со џамијата подигнат во 1590 г. Од Чинарот, на почетокот на улицата „Св. Климент Охридски” во чаршијата, над бројните дуќанчиња, доминира кубето на Али – паша џамија, изградена во 1573 година од Сулејман паша. Во 1823 година била извршена адаптација од страна на везирот Али – паша, чие име го носи и денес.
Во првите години на XXI век, врз оваа џамија во Охрид беа вршени нови градежни адаптации.
Во непосредна близина на возобновената манастирска црква на Светите Климент и Пантелејмон, се наоѓа турбето во кое Синан (Јусуф) Челеби бил погребан во 1493 година.
Добредојдовте во Охрид, стариот град на светлината со богато културно и историско наследство во кој голем број цивилизации оставија свој белег. Добредојдовте на магичното место каде на неверојатен начин се мешаат културното и природното наследство заедно со гостопримството, град за кој многу светски трагачи по убавина го нарекуваат овој град – македонски дел од рајот.